fbpx

Што напиша, а што сакаше да ни каже МВР во извештајот за Куманово

-

Ако денешното соопштение на МВР за извештајот на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС) за акцијата во Куманово се „преведе“ на обичен (неполициски) јазик, многу детали за настаните од 9 мај, кои досега во јавноста се објавуваа како шпекулации, стануваат појасни и, сега, официјално потврдени.

Во извештајот на МВР пишува:

Тимови од Одделот за посебни единици заминале на терен со задача да влезат и да ги обезбедат претходно лоцираните објекти. Околу 5.10 часот, при приоѓање на објектите во населбата Диво Насеље во Куманово, имало непосреден напад – дејствување кон полициските службеници со огнено оружје од различен калибар и со минско-експлозивни средства од повеќе правци, со што бил загрозен животот на полициските службеници.

Се мисли:

Полициските специјалци тргнале да влезат во куќи во Диво Насеље, но само што се приближиле, терористите почнале да стрелаат кон нив со автомати и со зољи. Односно, наместо полицијата да ги изненади, терористите ја изненадиле полицијата.

Во извештајот на МВР пишува:

Бидејќи биле исполнети сите услови за употреба на средства за присилба во согласност со законската регулатива, а за одбивање директен и непосреден напад со огнено оружје и со минско-експлозивни средства врз полициските службеници, како и заради извлекување на ранети и на загинати полициски службеници, по наредба на штабот било употребено огнено оружје, како и посебни видови оружја, експлозивни средства и оклопни возила со кои располагаат единиците во согласност со формацијата.

Се мисли:

Бидејќи им пропаднала идејата да ги фатат терористите на спиење, специјалците се нашле во жесток оган и веќе имало ранети и загинати. Затоа штабот кој ја координирал акцијата, морал да нареди специјалците да се повлечат, да се прегрупираат и тие да почнаат да пукаат со сè што располагаат во моментот.

Во извештајот на МВР пишува:

По извршеното прегрупирање и прифаќање на тимовите од полициски службеници кои дополнително пристигнале од другите две локации и од полициската база, почнало совладување на просторот и на објектите во кои била стационирана криминално-терористичката група, која за цело време, во континуитет, дејствувала кон полициските сили. Од страна на припадниците на специјалните единици етапно, систематски биле совладувани позициите на криминално-тероростичката група сè до нивно конечно неутрализирање на 10 мај.

Се мисли:

Откако се созеле од нападот и заклучиле дека првичниот план за акцијата нема повеќе никаков ефект, специјалците се прегрупирале, а во меѓувреме доаѓаат нови тимови, неопходна помош. Она што било замислено како обезбедување на објекти, прераснало во војна во урбани услови, која траела до вечерните часови наредниот ден.

Во извештајот на МВР пишува:

Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната службена документација подготвена од полициските службеници и утврдената фактичка состојба, констатира дека при преземените дејства во акцијата, употребата на средства за присилба, огнено оружје, од полициските службеници е основана, оправдана и правилна и е во согласност со одредбите од Законот за полиција.

Се мисли:

Полициските специјалци се нашле во многу сложена ситуација и морале и тие да пукаат.

Во извештајот на МВР пишува:

Од проверката на околностите на бегство на еден од приведените припадници на криминално-терористичката група, констатирано е дека полициските службеници кои биле задолжени за чување и за обезбедување на лицето лишено од слобода за кривично дело тероризам во конкретниот случај постапиле непрофесионално и спротивно на полициската процедура во вакви случаи, оставајќи го лицето без неопходен надзор, поради што истото ја искористило оваа состојба и избегало од местото.

Се мисли:

Полицајците што биле задолжени да чуваат еден од терористите, наместо да го држат на око, со лисици на рацете, и да не се одделуваат од него, тие дозволиле да им побегне.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...