fbpx

Што и на кои теми одговараше Јанева во Советот на јавни обвинители

-

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска пред членовите на Советот на јавни обвинители го презентираше вториот шестмесечен извештај за работата на СЈО.

Јанева пред членовите на Советот кажа дека во изминатите неколку месеци имале процесни пречки што им ја забавиле работата, но во овој момент тие биле веќе надминати.

Јанева рече и дека очекува во Собранието да биде поднесена иницијативата за измена на Законот за заштитени сведоци, како и за другите барања и дека од колегите во Советот очекува да ја поддржат во тоа.

Членовите на Советот ја советуваа да ја прошири довербата кон колегите и да им дозволи да ги преслушуваат разговорите, затоа што со ова темпо, таа ни за 100 години нема да ги преслуша разговорите. Тие побараа во наредниот извештај, Јанева да пишува краток опис за сите случаи, за да можат тие да бидат информирани директно од СЈО, а не од медиумите. Јанева го прифати ова барање на колегите и во следниот извештај ќе има повеќе информации за случаите.

 

Подолу се изјавите и одговорите на Јанева на прашањата на обвинителите на разни теми:

За судските истражители:

Презентирајќи го извештајот, Јанева рече дека досега нејзиното обвинителство е прво што воспоставило соработка на високо ниво со судските истражители. За ова доби забелешка од Деса Пауновска, која рече дека и Обвинителството за организиран криминал има соработка со судските истражители. Јанева на ова ѝ одговори дека тоа обвинителство барало судски истражители само за тие да не му бидат доделени на Специјалното јавно обвинителство.

Janeva sovet na obviniteli

За финансиите:

Неколку членови на Советот, на Јанева ѝ забележаа дека во извештајот многу малку има образложено за финансиите и за тоа каде се потрошени парите што СЈО ги има во буџетот. Прашања имаше и за платите и за надоместоците што ги земаат обвинителите и советниците во СЈО. Јанева на ова одговори дека во согласност со Законот за специјално јавно обвинителство, има автономија да одлучува за финансиите и дека нема намера да каже ништо повеќе од тоа што го има во извештајот.

За „Шпион“:

На прашањата за тоа како ја стекнала надлежноста за случајот „Шпион“, Јанева одговори дека има многу прислушувани материјали во кои цел биле обвинетите од овој случај.

– Тука повторно морам да ја истакнам недоволно добрата соработка со некои од институциите. На пример, Апелацискиот суд ни ги достави доказите за случајот „Шпион“, но Вишото јавно обвинителство не. На пример, ние имаме прислушувани разговори, ПИ-мерки, но нема податоци кој и како ги определил, нема документи врз основа на што се даваат наредби за прислушување – рече Јанева.

За новите вработувања:

На прашањата за кадровската структура во нејзиното обвинителство, Јанева рече дека од Министерство за финансии добила согласност за вработување на уште 22 лица.

За измените на законите во Собранието:

Голем број од членовите на Советот изразија поддршка на Јанева за измените во законите што таа бара пратениците да ги донесат. Дел од нив сметаат дека не мора да се измени членот 22 од Законот за СЈО за таа да може подолго од 18 месеци да работи на еден предмет.

За соработка со ОЈО:

Јанева ги покани членовите на Советот да го посетат СЈО и да видат како и на кои принципи работи ова обвинителство. Специјалната обвинителка рече дека „ја депримира, повредува и демотивира“, како и дека се срами од тоа што Јавното обвинителство не ѝ дава предмети на увид.

– Ние сами си ја уриваме браншата. Јас сметам дека сите работиме професионално и чесно и дека тоа што се расправаме повеќе од една година никому не му оди во прилог.

За кривичните пријави за обвинители од СЈО:

На прашањата што членовите на Советот ѝ ги поставија на Јанева, поврзани со кривичните пријави за обвинители во нејзиното специјално јавно обвинителство, таа рече дека во писмото што од Јавното обвинителство го пратиле до СЈО не пишувало дали обвинителите се бараат како обвинети или како сведоци. Јанева вели дека со допис прашала врз основа на што нејзините обвинители се повикани во Обвинителството, но на тоа барање до денеска немало одговор.

Janeva Sovet na obviniteli

За „Монструм“, за „Сопот“ и за Мартин Нешковски:

За случаите „Монструм“, „Сопот“ и за Мартин Нешковски, Јанева рече дека додека не се донесат измените во Законот за заштитени сведоци, јавноста нема да види ништо од тие предмети.

За меѓународната помош:

Зоран Сулејманов ја праша Јанева од кои држави и за кои предмети барала помош од меѓународните организации. Таа на ова одговори дека СЈО ќе докаже кој прислушувал и дека со замолница побарале меѓународна помош и вештаци што ќе откријат дали гласовите во снимките на луѓето се автентични и дали материјалите се сечени, лепени и монтирани. Јанева, меѓутоа, не сакаше да каже за кои точно предмети станува збор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...