!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Што договорија партиите: Нов уредник на МТВ, ад хок тело за медиуми и поддршка за СЈО


       
Скопје, 20 јули, 2016 - 19:02 (META) 

Делегацијата на Европската Унија во Македонија на својата веб-страница го објави договорот што го постигнаа четирите политички партии.

Во договорот се вели дека партиите се согласија измените на Изборниот законик да почнат да се применуваат од 22 јули.

Според него, 171.500 лица ќе бидат ставени на дополнителен дел на избирачкиот список, но нивното право на глас не е спорно. Спорните 39.502 лица ќе бидат јавно објавени во рок од три дена по донесувањето на измените и дополнувањата на Изборниот законик. Тие лица ќе можат самоиницијативно да се пријават во ДИК во рок од 25 дена. Три или повеќе членови на ДИК ќе можат да побараат дополнителна проверка за кое било име.

Во однос на медиумите, партиите се договориле Законот за медиуми и Изборниот законик да бидат изменети во рок од 15 дена од датумот на овој договор. Ќе се формира ад хок тело за следење на усогласеноста на медиумите со одредбите на Изборниот законик. Ова ад хок тело ќе има пет лица, а ќе функционира до крајот на изборниот процес и ќе се формира во рок од 30 дена од датумот на овој договор.

Во консултација со релевантните професионални новинарски организации, четирите политички партии ќе изберат четворица членови на ад хок телото од кои барем еден ќе биде етнички Албанец. Овие четири лица ќе го изберат со консензус петтиот член во рок од 15 дена.

Почнувајќи 100 дена пред изборите, Агенцијата за медиуми треба да ги следи препораките на новоформираното тело и ќе иницира постапки според закон. Сите парични казни за медиумите во Законот за медиуми и во Изборниот законик кои се однесуваат на медиумите ќе се намалат за 50 проценти.

Исто така, договорено е да се направат реформи во медиумите според извештајот на Прибе во рок од шест месеци по изборите.

Во консултација со другите партии, најголемата опозициска партија ќе го номинира главниот уредник на јавниот радиодифузен сервис (МРТВ), но тој ќе биде од страна на експертите во оваа област. Под услов двете страни да потврдат дека има услови за фер избори, новиот главен уредник ќе стапи на функција 100 дена пред изборите.

На крајот од договорот стои дека до 31 август годинава, лидерите на четирите политички партии ќе проценат дали горенаведените чекори се веќе завршени, со што се исполнети условите за одржување на изборите. Лидерите ќе го потврдат ова и на денот на изборите со свој потпис.

Исто така, во договорот е наведено дека треба да се поддржи Специјалниот обвинител, а во случај Уставниот суд да одлучува за неговата уставност, четирите партии треба да го усогласат законодавството со одлуката на судот во рок од пет дена.