Штипската опозиција обвинува дека граѓанските пари завршија во партиски џебови


       
Штип, 4 септември, 2018 - 10:17 (META) 

Поделбата на близу милион денари од буџетот на Општината Штип на седум граѓански организации, ги спротивстави ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека пари добила организација чиј претседател беше кандидат за советник од листата на СДСМ на последните локални избори, а две од седумтте организации – добитници, имаат исто лице во управувачката структура.

Со одлука на Советот на Општината Штип, за прв пат ќе се финасираат седум проекти на граѓански организации и фондации, со цел локален економски развој. На Општината и требаше половина година за да одлучи кому да ги додели средствата, додека неофицијално се говореше за лобирања и притисоци. Поради тоа, имаше и неофицијална најава дека повикот за финансирање ќе биде поништен.

Повикот беше распишан на први март годинава, по методологија утврдена од Општината. На последната седница на Советот во петокот, мнозинството и официјално ја прифати одлуката за оваа поделба од Комисија составена од претставници на Општината и граѓанскиот сектор.

Љубе Здравков од ВМРО-ДПМНЕ побара отчет за начинот на кој е одлучувано кои проекти да бидат прифатени и праша дали добија само тие организации што ги застапуваат ставовите на СДСМ.

– Дали е во ред да се доделуваат средства на лице кое беше на советничката листа на СДС, лице кое веќе неколку пати во текот на годината има добиено средства од Општина Штип за настани кои се слабо посетени, а Советот на Општина Штип нема увид во начинот на трошење на тие средства и лице кое преку група на граѓани остварува свои лични интереси? И дали при доделување на средства на две организации, нема судир на интереси на едно лице, кое во едната организација е претседател, а во другата организација, заедно со целото семејство е во Основачко собрание? – рече Здравков на прес-конференција.

Пари од општинскиот буџет доби „Македонски Егеј“, на чие чело стои Јордан Тунев. Тој на последните локални избори беше дел од советничката листа на СДСМ , што резултираше со протест на членовите на Здружението, кои тврдеа дека се против неговата кандидатура за советник.

Реплицираше на говорница советничката од СДСМ Маријана Рогожарска, според која, првичната одлука за доделување на средства за граѓанските организации не е на Советот, ниту градоначалникот, туку на формираната Комисија, во која членуваат и надворешни лица.

– Изборот го направи Комисијата, по методологија што беше презентирана од страна на лицата, кои го доставија до Советот барањето за финансирање на проекти од Општината и Советот ја усвои истата. Ако бевте на комисии ќе знаевте дека изборот не го вршат само лица од Општината , туку и надворешни членови, од кои секој посебно бодираше – рече Рогожарска која е претседател на Комисијатаза финансирање и буџет.

За начинот на избор на проекти објасни и членот на комисијата за избор, Никола Илиев, според кого, рангирањето се извршило според бодовите на секој член од оваа комисија.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ останаа на искажаните сомневања и гласаа против оваа одлука. Сепак, мнозинството одлучи да додели пари на проекти на „Македонски Егеј“, „Гласен Текстилец“, „Виножито“, „Организација на жени“, „Бизнис информативен и консултантски центар“, и „Черења“.

Досегашните локални гарнитури парите за граѓанските проекти не ги доделуваа, со образложение дека нема квалитетни идеи, без при тоа, да распишат повик за финансирање.