!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Шилегов: Не се битни ресорите, туку принципите на функционирање на владата


       
Скопје, 19 мај, 2017 - 16:07 (META) 

„Сосема е небитно прашањето како ќе се распоределат ресорите и кој кадровски решенија ќе бидат за позициите во новата влада. Најбитно за Македонија во моментов е да воспоставиме принципи за функционирање на владата во интерес на граѓаните, за тие владата да ја чувствуваат своја. Доколку останат истите принципи или систем на функционрање на власта, небитни се ресорите и персоналните решенија за тие ресори“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, прашан за резултатите од денешните преговори помеѓу лидерот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Тој нагласи дека дури откако ќе завршат разговорите со сите партии, ќе може да се зборува за политичките позиции за поддршка на владата – дали преку учество во ресори или преку политичка поддршка на владата и дека очекува час поскоро да завршат преговорите.

Шилегов, исто така, не одговори колку министерства СДСМ отстапува на политичките партнери од албанскиот блок, нагласувајќи дека пред сè е битно да се формира владата.

Прашан дали СДСМ подготвува итно и други предлог-закони како тој за укинување на екстерното тестирање, Шилегов рече дека тие закони се поднесени како исполнување на ветувањата и се надева дека по завршувањето на конститутивната седница на Собранието, ќе има седница за избор на влада, а потоа ќе се донесат мерките што се ветени на граѓаните.