Шилегов ќе го догради мостот но без Панорамското тркало


       
Скопје, 10 април, 2018 - 11:47 (META) 

Мостот на Вардар на кој што требаше да стои Панорамското тркало нема да се урива туку ќе се догради без тркалото и ќе биде пешачки премин, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов за порталот „СДК“. Минатата недела Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнале договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договорот односно наместо 7 милиони евра, Градот да доплати 3,1 милиони евра.

-Донесовме одлука да се догради пешачкиот мост. Наместо бараните 7 милиони евра ќе платиме 3,1 милиони евра. Уривањето онака како што е сегашната позиција на мостот заедно со заостанатите плаќања и обврските кон германските партнери кои требало да го градат тркалото би нè чинело 3 милиони евра. Успеавме за истата цена да договориме тој да се догради. Коритото на реката Вардар повторно ќе стане безбеден бидејќи нема да има фундаменти во него. Мислам дека оваа варијанта е добра за граѓаните – вели Шилегов.

Градоначалникот потенцира дека е направен нов проект според кој мостот нема барокни елементи и ќе биде поставена проѕирна ограда да се гледа Камен мост.

Мостот на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало почна да се гради во 2014 година. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“ изградбата требаше да чини 18 милиони евра. Досега на изведувачот му се исплатени 10 милиони евра.