Шилегов и Каминис потпишаа договор за соработка на Скопје и Атина


       
Скопје, 27 април, 2018 - 14:20 (META) 

Договор за соработка помеѓу градовите Скопје и Атина потпишаа денеска во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје градоначалниците на двата града, Петре Шилегов и Јоргос Каминис.

– Со потпишувањето на овој договор, со Атина ќе разменуваме информации, искуства и добри практики и ќе негуваме соработка во разни области на работа и надлежности, како што се: градска администрација и управување со јавни услуги, урбан развој, урбана отпорност, заштита на животната средина и природата, културни и туристички активности, иновации, информатичка технологија и дигитализација и практики за граѓански ангажман. Воедно, заедно ќе соработуваме во рамките на мрежата Eurocities и ќе ги промовираме трговските контакти – истакна Шилегов.

Во обраќањето, градскиот татко на Скопје потенцираше дека двата града и двата народа имаат повеќе историја што ги спојува отколку историја што ги разделува, па затоа и го избрале Музејот на современа уметност да биде местото на кое ќе го потпишат договорот. Шилегов рече дека МСУ потсетува на заедничката историја, кога после земјотресот во Скопје во 1963а година, меѓу уметниците од целиот свет кои донирале свои дела и го наполниле овој музеј, биле и 34 грчки уметници кои донирале 46 уметнички дела, а нивните дела се дел од грчката колекција на МСУ, што заеднички ја разгледаа двата градоначалника и гостинската делегација.