Шестмина загинати во пад на луксузен хидроавион во Австралија


       
Сиднеј, 31 декември, 2017 - 13:27 (META) 

Шест лица загинале во пад на луксузен хидроавион во Австралија, во близина на Сиднеј, соопштила полицијата, јавуваат светските агенции.

Хидроавионот на фирмата „Сиднеј сиплејнс“ се срушил во реката Хаксбури, околу 50 километри северно од Сиднеј. Во несреќата настрадале сите пет патници и пилотот, соопштила полицијата на државата Нов Јужен Велс.

Нуркачките екипи ги извлекле телата на сите шестмина загинати, а причините за несреќата сè уште се непознати. Остатоците на едномоторниот авион се на длабочина од 13 метри.

Австралиските медиуми наведуваат дека петмина од жртвите се Британци, меѓу кои и едно дете на возраст од 11 години.

Тие со хидроавионот биле на панорамско разгледување, во очи прославата на Нова година во пристаништето во Сиднеј.