Шекеринска во Брисел: Македонија заслужи да ги почне преговорите со ЕУ


       
Брисел, 4 декември, 2018 - 13:25 (META) 

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Брисел учествуваше на конференција за односите помеѓу ЕУ и Западен Балкан, посветена на проширувањето на Унијата, интеграцијата и предизвиците од трансформацијата на земјите од регионов.

На самитот, Шекеринска зборуваше на првата сесија насловена како „ЕУ-Западен Балкан: се уште комплицирано“. Таа истакна дека членството во ЕУ не е само да се пополнат графите за бараните услови туку е всушност трансформацијата на општеството.

„Вистинската трансформација во повеќето земји од Централна и Источна Европа се одвивала за време на пристапниот процес. Значи, она што го бара Македонија е да почне тој процес на преговори“, нагласи таа.

Во рамки на работниот престој во Брисел, Шекеринска синоќа имаше работна вечера заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров и НАТО амбасадорите, а за утре е предвидена средба со високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.

На средбата ќе биде направен пресек на состојбите во евроинтегративните процеси и актуелните прашања во земјава.