fbpx

Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ преку Попоски, во Брисел моли да остане дел од власта

-

На сите во Македонија и на меѓународната заедница им стана јасно дека однесувањето и на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот Иванов последните денови, со сите најави за насилство, провокации и со поттикнување поделби во Македонија, немаат никаква врска ниту со државните интереси, ниту со заштитата на Македонија, а најмалку со интересите на македонските граѓани.

Ова денеска на прес-конференција го изјави заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која нагласи дека „единствената цел што стои зад пропагандата, незаконските и неуставните одлуки е да се остане на власт и да се спаси од кривичната и од криминална одговорност за сериозна корупција и криминал“.

– Последната потврда за сево ова доаѓа од Брисел, каде што последните два дена престојуваше пратеникот, кој во исто време е и министер на надворешни работи, Никола Попоски, и кој според веќе потврдени информации единственото што го правел е да зборува за неопходноста ВМРО-ДПМНЕ да остане на власт или во власта во Република Македонија – рече Шекеринска.

Таа истакна дека станува збор за истите луѓе што пред само два месеци донесоа проглас со кој ја повикуваат меѓународната заедница да престане да се меша во македонските работи, а кои сега разговараат со претставници на сите институции и бараат „по секоја цена барем да останат дел од власта“.

Шекеринска уште еднаш го повика претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да престане со „насилството што го прави врз Уставот и врз демократскиот поредок на Македонија“ и дека е должен веднаш да го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за формирање на новата влада.

Прашана до кога ќе го чекаат Иванов да се изјасни и дали партијата ќе преземе чекори за свикување на Собранието, Шекеринска изјави дека СДСМ не сака во државата секој ден да се вооведуваат нови преседани и дека заради тоа ќе ги продолжат дискусиите со различните политички партии што ги дадоа потписите на Зоран Заев како мандатар и ќе ги влечат потезите на договорен и усогласен начин.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како СДСМ ги коментира повиците за повлекување на т.н. албанска платформа, Шекеринска истакна дека платформите на други политички партии не се прашање што СДСМ го решава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Објавен прирачник за употреба на вештачка интелигенција во новинарството

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) промовираше Прирачник за едукатори по Новинарство: Известување за Вештачка Интелигенција издаден од УНЕСКО, а објавен на македонски и на албански јазик....