fbpx

Шекеринска: Се надеваме дека вечерва ќе постигнеме договор

-

По три и пол часа разговори, претставниците на политичките партии си заминаа од резиденцијата на Европската Унија во Пржино, на консултации со раководствата на партиите. Како што информираа, вечерва во 18.30 часот тие ќе ги продолжат преговорите.

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, кусо изјави дека се надева денеска да биде постигнат конечен договор.

Како што дознаваме, претставниците на политичките партии, Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шекеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА, разговараат за новата преодна влада, избирачкиот список и за реформите во медиумите.

Од преговарачките тимови се дознава дека ВМРО-ДПМНЕ е за формирање преодна влада 60 дена пред изборите, додека СДСМ бара доколку изборите се одржат годинава, владата да се формира 100 дена пред изборите. Ако, пак, се одржат заедно со локалните избори во 2017 година, СДСМ предлага извршното тело да функционира шест месеци пред денот на гласањето.

Сè повеќе се шпекулира дека на крајот од ноември или на почетокот од декември би можеле да се одржат предвремени парламентарни избори. Предлогот за ад хок комисија за оценување на работата на медиумите засега е во мирување, затоа што Здружението на новинари на Македонија не сака да учествува во тело во кое тие би добиле два члена, Македонската асоцијација на новинари уште два члена и еден независен експерт како заеднички предлог на двете новинарски организации.

Четирите партии засега се согласни да нема трет избирачки список, туку 40.000 спорни гласачи да се проверуваат прво теренски, а потоа самите да се пријават во Државната изборна комисија. Ако не се пријават до одреден временски период, тие ќе бидат избришани.

Преговорите на работните групи на политичките партии во Пржино се очекува да траат до доцна вечерва.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...