Шекеринска: Работата на уставните измени ќе почне по референдумот


       
Скопје, 21 септември, 2018 - 12:39 (META) 

Поголеми избори и појасно изјаснување од претстојниот референдум нема да имаме. Таа порака граѓаните ќе ни ја упатат на 30 септември и затоа нашиот повик до сите е да го искористат тоа право и да го кажат својот став, одговори министерката за одбрана Радмила Шекеринска на новинарско прашање дали предвремените парламентарни избори се опција „Б“ по изјаснувањето на пратеници од ВМРО – ДПМНЕ дека нема да гласаат за уставните измени.

На прашањето дали до македонската Влада преку нон-пејпер се пристигнати уставните измени изработени од грчката страна, Шекеринска истакна дека овој период сме бомбардирани со лаги и невистини, а целта е, рече, повторно да не се фокусираме на потребите на граѓаните, туку да се фокусираме на потребите на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека ако грчката страна мислела дека така треба да се постапи, тоа ќе беше дел од договорот.

– Затоа велам лагите се тука за да не ни дозволат да се фокусираме на суштината. Ние потпишавме договор и тој договор е обврзувачки. Обврските се наши, а не грчки – рече Шекеринска.

Прашана дали е потребна нова лидерска средба или политички дијалог после референдумот, Шекеринска рече дека „не верува на Македонија ѝ треба уште една рунда преговори околу амнестија за криминалот и корупцијата“.