Шекеринска: На сите земји им кажуваме – стратешките одлуки се наши


       
Скопје, 30 март, 2018 - 12:29 (META) 

Изјавите што ги добивме од Русија во последно време не се позитивни, меѓутоа не се ни изненадување, особено по минатогодишниот став дека Русија има одредено мислење за нашите стратешки цели, изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска по посетата на Воено-медицинскиот центар во Скопје.

– Ние сакаме да имаме добри односи со Русија и инвестираме во добри односи, но на сите, и на соседите, и на другите држави, им ја повторуваме истата реченица – стратешките одлуки се наши – вели Шекеринска

Таа посочи дека од 1992 година Македонија го изразила својот национален консензус за членство во ЕУ и во НАТО.

– Не се мешаме во туѓите работи, но сакаме нашите одлуки да бидат наши. На тој начин се брани сувереноста, на тој начин се брани независноста, на тој начин се брани сопствената земја – рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.

За преговорите кои моментално се водат помеѓу Македонија и Грција во Виена, Шекеринска рече дека ќе направат се Македонија да биде конструктивна и да даде придонес кон успешен процес.

– Инвестираме во добри односи со сите соседи, вклучително и со Грција. Македонија досега плати превисока цена на грчкото вето во 2008 година. Меѓутоа, сега сметаме дека она што го научивме овие 10 години треба да ни помогне да го најдеме решението и сметаме дека и Грција ќе профитира од нашето членство во НАТО и во ЕУ и како добри соседи треба да си даваме поддршка во вакви моменти – додаде Шекеринска.