fbpx

Шекеринска: Задутре добиваме покана за НАТО, да не ја пропуштиме шансата

-

Сосема извесно е дека Македонија на 11 јули на самитот на НАТО ќе добие покана за пристапни преговори, кои се очекува да траат релативно кратко – три до шест месеци – во процедура идентична како за последните земји што станаа членки на НАТО, односно Црна Гора, Албанија и Хрватска, а  потоа да се потпише Протоколот за пристапување, по што ќе почне негова ратификација во сите земји членки, и од тој момент де факто ќе бидеме веќе во НАТО, оти ќе учествуваме во голем дел од постапките на НАТО. Останува само да се заврши процедурата во земјава, со референдумот и уставните промени, за да се отстранат последните пречки. Несериозно би било опозицијата, која долго време наназад нагласува дека ЕУ и НАТО се стратешките определби на Македонија, сега поради ситни политички поени да го блокира тој пат, порачаа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски, на денешниот брифинг со новинарите.

Нагласувајќи дека станува збор за минијатурен процес на пристапување и дека огромен дел од работите се веќе завршени, и Пендаровски и Шекеринска рекоа дека процесот на пристапување ќе биде идентичен како за Црна Гора, Албанија и Хрватска, и дека главното треба да се случи во земјава, односно да се одржи референдум и да се смени Уставот.

– Македонија е пред нов почеток. Она што го пропуштивме во 2008 година, сега можеме да го реализираме со 10 години задоцнување, што знаеме дека не чинеше многу на внатрешен план. Но, сега е ново време кога државата не е повеќе киднапирана и кога е прекинат периодот на стагнација, имаме шанса да упатиме нова порака за стабилност, а и да имаме економски придобивки. А притоа, видовме дека нема никакво противење од Грција – порача министерката за одбрана.

На новинарско прашање дали е можно Франција и Холандија да го попречат процесот како во случајот за поканата за преговори со ЕУ, и Шекеринска и Пендаровски, повикувајќи се на средби со министри и амбасадори во НАТО, појаснија дека таква опасност воопшто не постои.

Според Пендаровски, при неговите реферирања во Брисел, тој од амбасадорите на двете земји добил уверување дека не постои никакво противење.

– И на премиерот Заев на средбата со Макрон во Софија, и мене на последната средба со министерката за одбрана на Холандија, ни беше јасно кажано дека тие земји немаат никакво противење и чекаат што побргу да влеземе во НАТО – рече Шекеринска.

Појаснувајќи дека во процесот на пристапните преговори можно е да не се завршат сите теми, но за тоа може да се разговара и по стапувањето во членство, како што е случајот на Црна Гора, Пендаровски појасни дека по поканата на 11 да почнат преговорите, ќе уследи кратка процедура по што ќе почне вистинската работа.

– Откако НАТО на 11 ќе ја повика Македонија да ги почне пристапните преговори, алијансата ќе направи План за пристапување, по што Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе издаде формална покана, на која македонската влада ќе одговори со писмо за намери, по што ќе уследат политичките и техничките сесии на преговори и од наша страна ќе се изготви тромесечна Програма за членство, и ако се помине добро се потпишува Протоколот за пристапување и нашата земја фактички станува членка на НАТО. Потоа треба да се ратификува од сите 29 земји членки, по што Македонија ќе стане формално полноправна членка. Но дотогаш ќе може да учествуваме во сите постапки и да дискутираме, но не ќе може да гласаме – објасни Пендаровски.

Формирањето на нова Државна изборна комисија, која ќе треба да го организира референдумот за Договорот со Грција и уставните измени, работи за кои се очекува противење од ВМРО-ДПМНЕ, за Шекеринска се моменти кога опозицијата треба да покаже политичка зрелост.

– Свесни сме дека постојат можности за одлагање, и ние би сакале да ги избегнеме таквите ситуации, оти тоа е стратешки штено за Македонија. Ако ние губиме време, светот не стои мирно. Партиите што пред сите избори кажувале дека има политичка одлука за НАТО, се надеваме сега нема да заборават што кажале. Сега имаме шанса, кога постои поддршка во парламентот на Грција да се реши прашањето, оти по изборите кај нив не знаеме што ќе се случи, а тоа го знаат и во НАТО, така што на сите ни се брза. маедонија е мала земја, нема голем сила, и мора да даде впечаток дека ќе се држи на зборот – рече Шекеринска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...