fbpx

Шекеринска: Лани на 27 април Македонија го допре дното, бевме на чекор до граѓанска војна

-

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, ја започна официјалната посета на Соединетите Американски Држави со учество на тркалезната маса организирана од американскиот Атлантски совет на тема „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја“.

Шекеринска зборуваше за Балканот и предизвиците со кои се соочуваше во минатото, за политичката криза во Македонија и новите реформски процеси, како и враќањето на земјата на патот кон евроатланските интеграции.

– Овие 10 месеци сериозно се фокусиравме на домашните реформи и на подобрување на добрососедските односи. Се насочивме на прашања кои беа во сржта на евроатланската интеграција – слободни медиуми, владеење на правото, меѓуетнички односи, отпорност на институции. Oд вас бараме да ја поддржите Македонија да добие покана за членство во НАТО оваа година, зашто еден таков пробив може да има позитивно влијание, кое ќе создаде една нова надеж на Балканот – рече министерката.

Навраќајќи се на настаните во Собранието кои се случија на денешен ден минатата година, Шекеринска рече дека лани на 27 април Македонија „го допре дното“.

– Настанот можеше целосно да излезе од контрола и се закануваше да ја однесе државата на чекор до граѓанска војна. Ние имавме оформено мнозинство во парламентот и сите очекуваа да биде избрана нова, реформски ориентирана влада, кога луѓето што сакаа сè да остане по старо видоа дека насилството им е единствениот начин што им остана. За среќа обидот беше неуспешен – рече таа.

Шекеринска посочи дека Владата вложува многу во односите со соседите, споменувајќи го договорот за добрососедство со Бугарија кој се потпиша за помалку од два месеци по изборот на Владата.

– Овој договор отвори огромни можности за двете страни. И Македонија и Бугарија се презентираа како земји кои се зрели и заинтересирани за иднината и земји кои се однесуваат европски. Тоа резултираше со самодоверба Владата да се вклучи во решавање на клучниот проблем во односите со Грција – името, со јасна одлучност да се обиде да најде решение на ова долгогодишно прашање – додаде Шекеринска.

Шекеринска имаше средби и со конгресмените Дејвид Прајс, демократ од Северна Каролина и Питер Роскам, републиканец од Сојузната држава Илиноис, како и со Елизабет Обеги, советничката за надворешна политика на сенаторот од Сојузната држава Аризона, Џон Мекејн.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...