Шекеринска: Бројот на жените во одбраната не е на задоволително ниво


       
Скопје, 8 март, 2018 - 13:30 (META) 

Состојбата со бројот со жените во АРМ не е доволно добра, но таква е ситуацијата во речиси сите армии и во европските, кои се неколку чекори понапред во однос на Македонија, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на трибината на тема „Родова перспектива во одбраната”, организирана по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Нагласи дека бројот на офицерки во АРМ се зголемува, но не доволно брзо и додаде оти е уверена дека наскоро ќе има подобрување на ова поле.

Министерката истакна дека при приемот на питомците оваа година во Воената академија повеќе од половината од кандидатите биле девојки, кои биле меѓу најдобро пласираните во однос на успехот, тестирањата и физичката подготвеност.

– Ако се откажете од 50 проценти од своето население, со образложение дека таму едноставно не треба да има амбиции, сте се откажале од потенцијално добри офицери, подофицери, војници. Анализите на НАТО во одреден дел од мисиите покажуваат дека има одредени предности, кои ги имаат жените, полесно можат да остварат контакт со локалното население, на пример со жените во некое авганистанско село – посочи Шекеринска.

Потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска – Ременски, на присутните им порача дека се надева дека во блиска иднина на ваквите настани на пример ќе биде промовирана првата жена генерал во Македонија.

– Ќе бев многу посреќна ако денеска тука промовиравме генерал-жена, можеби да испромовираме женска единица за специјални задачи. Можеме да се пофалиме дека направивме голем чекор напред, пробивме многу бариери – порача Ташевска – Ременски.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека од процената на состојбата на жените во едно општество може да се направи проекција за можноста за избувнување на конфликт, односно војна.