fbpx

Шчербак: Во евентуален судир меѓу Русија и НАТО, Македонија ќе биде легитимна мета

-

На денешната прес-конференција на која зборуваше за трагедијата во трговскиот центар во сибирскиот град Кемерово, кога во пожар во трговскиот центар загинаа 64 луѓе, како и за протерувањето на рускиот дипломат од Македонија, амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак, упати силни предупредувања кон Македонија во поглед на нејзината намера да стане членка на НАТО. Тој предупреди и на воени дејствија врз Македонија во случај НАТО да ја нападне Русија

– Доколку дојде до судир меѓу Русија и НАТО и вие ќе ја имате улогата на легитимна мета – рече Шчербак.

Тој тврди дека НАТО е агресивен сојуз кој би можел да ја вовлече Македонија во агресивни акции. Но тоа, доколку е насочено кон Русија, ќе предизвика соодветна реакција и од Русија врз Македонија, порача рускиот амбасадор.

– НАТО е единствениот военополитички блок, рудимент и инструмент на Студената војна, којшто се крие зад лозунгот на евроатлантската солидарност. НАТО е виновен за почнување на многу војни со милионски жртви, како што се нападите на Југославија, Либија, Сирија и Јемен. Во воената доктрина, НАТО и нејзиниот предводник САД ја прогласија Руската Федерација за ривал. И како ние можеме да ги поздравиме обидите Република Македонија да се вовлече во НАТО? И да стане база за евентуални војни на оваа агресивна алијанса? Република Македонија со вклучувањето ќе стане дел од оваа воена машинерија и дел од агресија на Русија. Со тоа вие ќе станете мета на возвратен удар од Русија. Дали ви треба ова вам и на вашите деца? Освен тоа, зачленувањето во НАТО ќе доведе до ограничување на суверенитетот и ограничување на надворешната политика – рече Шчербак.

Според него, спротивно на прогласите, членството во НАТО нема да го зацврсти територијалниот интегритет на земјата. Како што рече Шчербак, бесмислено е да се тврди дека Македонија е под закана и дека само НАТО може да ја одбрани, кога земјата од сите страни е обиколена од НАТО, па може да ја нападне „само НАТО или вонземјани“.

– Земјата од сите страни е обиколена со членки на НАТО, Албанија, Грција, Бугарија, на Косово се наоѓа една од најголемите воени бази на НАТО, а Србија е активен партнер на НАТО. Значи, воздушниот простор и надворешните граници на РМ се под контрола на НАТО. Кој може да ја нападне Македонија? Само НАТО или вонземјани – рече рускиот амбасадор.

Според него, атмосферата на доверба во регионалната соработка од зачленувањето на Македонија во НАТО ќе биде нарушена и ќе се нанесе штета на регионалната безбедност.

– Република Македонија и македонскиот народ треба да разберат дека Русија негува длабоки духовни односи и на пријател и партнер. За разлика од другите држави, Македонија за Русија е суверена држава и во тие рамки има право да донесува одлуки за својот национален интерес. Ние не ви кажуваме со кого да се дружите и со кого да соработувате, но сметаме дека наш човечки долг е да објасниме на Македонија и на народот дека вакви сериозни и судбоносни одлуки, како зачленување во агресивен блок, се донесуваат по длабоко размислување. Особено не на брзина, и задолжителнно со водење сметка за сите демократски процедури, како земање предвид на мислењето на својот народ. Би сакал да потсетам на нашата заедничка поговорка „Три пати мери – еднаш сечи“ – рече рускиот амбасадор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...