fbpx

„Шарената револуција“ положи цвеќе пред споменикот на Никола Карев

-

Демонстрантите на денешниот протест, по повод 111-годишнината од смртта на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, положија свежо цвеќе на неговиот споменик пред Собранието на Република Македонија.

Граѓаните, кои протестираат поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на функционери, и денешниот протест го почнаа пред зградата на Специјалното јавно обвинителство. Оттаму тие се упатија кон Собранието.

Пред демонстрантите се обрати активистката Дороти Пацкова, која испрати порака до контрадемонстрантите и рече дека „ние не местиме образи за шамарање, живи сме и сакаме да се живи и нашите деца“.

– Сите имаме право да се бунтуваме, да рушиме неправди и да градиме посветла иднина. Никој не е вечен опресор, ниту, пак, некој е вечен роб – рече Пацкова.

Претседателот на Социјалдемократската младина, Стефан Богоев, пред граѓаните рече дека кога би можел Груевски да го слушне и да го почувствува тоа што го слуша тој, „веднаш ќе си ги спакува парталите и ќе замине таму каде што им е местото на криминалците“.

– Оваа „Шарена револуција“ ќе ја паметиме и ќе биде нешто со кое ќе се гордееме. Оваа револуција ќе ја направи промената, бидејќи јас и мојата генерација сакаме да живееме во Македонија, во која Уставот и законот важат еднакво за сите. Оваа „Шарена револуција“ е единствениот начин да се избориме против овој фашистички режим – рече Богоев, додавајќи дека и во Собранието ќе има промени, односно дека тоа ќе биде дом на граѓаните, а не нотаријат на режимот.

Според Богоев, Порта „Македонија“ ќе стане паметник на „Шарената револуција“ и потсетник за идните власти дека не смеат да го пљачкаат народот.

Демонстрантите испратија пораки до дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Чавков, и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека колку повеќе ги снимаат, толку повеќе нема да им се кријат и колку повеќе ги апсат, толку се тие посилни.

Демонстрантите се упатија кон Министерството за надворешни работи. Минувајќи го мостот Слобода, тие на самиот мост поставија транспарент со порака „Јас сум Слобода, имам ограда од 2.000.000 евра. А што имаш ти?“. Оттаму продолжија кон Владата.

За време на денешниот протест, немаше бојадисување објекти.

Освен во Скопје, протести против аболицијата денеска се одржуваат во уште осум градови во Македонија, поточно во Велес, Охрид, Кичево, Кавадарци, Битола, Прилеп, Радовиш и во Струмица.

Во Охрид денеска се одржаа два протести, на припадниците на „Протестирам“, како и на приврзаниците на ГДОМ. Полициска барикада беше поставена на охридскиот плоштад за да се спречи евентуалниот судир на двете групи, како и да се оневозможи пристапот до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Кривични пријави за шестмина инспектори зашто не пломбирале „диви“ менувачници на Бит пазар

Против шест лица С.Б.(32), Ј.Р.(54), В.М.(47), Б.С.(46),С.С.(61) и Р.Б.(37), државни пазарни инсектори, се поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, информира Министерството за...