СЕММ, ЗНМ и ССНМ бараат медиумите да работат професионално


       
Скопје, 24 јули, 2018 - 15:33 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), бараат медиумите да ги задоволат основните правила за професионална работа, вклучувајќи почитување на Кодексот на новинарите, транспарентност во сопственичката и уредувачка структура, како и прифаќање на саморегулацијата како единствен заштитник на медиумските слободи и независност.

„Ова вклучува и наведување на авторството, како и на изворите на информации кога се преземаат содржини од други медиуми“, се вели во соопштението мотивирано од, како што се наведува, „злоупотребата на медиумите кои служат на деструктивни агенди на поединци и групи“.

„Право е на секој медиум е да одлучи дали ќе учествува во работата на саморегулативното тело – Советот за етика во медиумите на Македонија, но тоа не ги ослободува од обврската да ги почитуваат професионалните стандарди во медиумската сфера. Ова се минималните стандарди кои се очекува да бидат исполнети од страна на медиумите, во спротивно тие единствено ќе се сметаат за парамедиуми, кои работат на штета на јавниот интерес. Загрижени сме што довербата на јавноста во медиумите е честопати изневерувана од поединци и медиумски платформи кои работат неодговорно и на штета на јавниот интерес, доведувајќи го со тоа во прашање интегритетот на професијата“, велат трите организации.

Тие посочуваат дека наведените негативни појави се најчести во онлајн медиумите, „каде што се наоѓаат содржини со многу низок квалитет, лажни вести, дезинформации, пропаганда и сензационализам“.