СЕММ ги осуди заканите на службеник на МНР кон новинар на „ТВ 21“


       
Скопје, 2 февруари, 2018 - 11:22 (META) 

Советот за етика во медиумите на Макединија (СЕММ) го осуди однесувањето на претставник на Министерството за надворешни работи, кој на вчерашната прес-конфернеција на медијаторот, Метју Нимиц се обидел да го спречи новинарот на „ТВ 21“, Фуркан Салиу да постави прашање, како и заканите за одземање на неговата акредитација.

„За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било закани и притисоци. Советот за етика го повикува МНР да ги преземе неопходните мерки за да го расчисти случајот и да спречи повторување на ваквите инциденти. Упатувањето какви било закани кон новинарите од страна на институциите не смее да биде метод со кој ќе се спречува известувањето за теми и прашања од интерес на јавноста“, стои во соопштението.

Од СЕММ потсетуваат на членот 10 од Европската конвенција за човекови права, според кој новинарите мора да биде ослободени од какви било закани и притисоци, а државата е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување.