Селмани: Слободни и професионални медиуми се кислород за секоја демократија


       
Скопје, 18 јули, 2018 - 10:20 (META) 

Ве замолувам, во наредниот период во процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, посветете повеќе внимание на медиумските реформи. Слободни и професионални медиуми се кислород на секоја демократија. Професионалните медиуми се најдобар лек против злоупотребите на секоја власт. Има промена во медиумите, но тие промени се далеку од тоа да бидат одржливи. Ние како новинарско здружение соработуваме и ќе соработуваме со вас, но мора да се договориме за неколку основни принципи.

Со таква порака се обрати претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани на седницата на Националниот совет за евроинтеграции вчера во Собранието, на која присуствуваше и еврокомесарот Јоханес Хан, кој официјално го означи почетокот на набљудувачкиот процес за подготвеноста на земјата за почнување на пристапните преговори со ЕУ.

– Мора да прекине политиката на неказнивост на насилството врз новинарите. Бројот на напади е намален последната година, полицијата новите напади ги расчистува поефикасно, но за жал досега ниту еден од насилниците не е изведен пред лицето на правдата. Ако не може да се обноват старите истраги, тогаш можете да побарате кривична одговорност за раководителите во полицијата што воделе неквалитетни истраги и што уништувале докази – порача Селмани, обраќајќи се до власта.

Тој од опозицијата побара да престане да ги блокира измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, а на власта и порача дека буџетирањето на јавниот радиодифузен сервис МРТ е погрешно и недостаточно.

-Погрешен ви е пристапот со реформата на јавниот сервис. Реформа нема да има со помалку пари за МРТ. Лани намаливте 40 посто од буџетот на МРТ, сега со ребаланс ќе давате нови три милиони евра. Со тоа се потврди нашето укажување дека 12 милиони евра годишно за МРТ се премалку за да се зајакне независноста и да се подобри квалитетот на програмата. Системот на финансирање мора да биде ослободен од политички влијанија и тој не смее да зависи од волјата на владата – порача Селмани.