fbpx

Селата околу Битола целосно под вода

-

Невремето ги зафати и најблиските села околу Битола, кои се целосно поплавени. Во Кравари, Оптичари, Поешево, Логоварди, Дорно Оризари, Карамани и Трн, граѓаните со чизми влегуваат во своите домови, а некои заробени од водата воопшто не излегуваат од дома.

Со пумпи, секој од сопствениците се обидува да го намали количеството вода од внатрешноста на објектите, но водата само надоаѓа. Мештаните се жалат дека уште летото алармирале дека каналите се затрупани и дека поплавите и при најмал дожд се неизбежни.

– Еве што ни се случи, она на што предупредувавме со месеци наназад. Дома кај мене се влегува само со чизми зашто водата е до колена. Ова го чувствувам како казна, беспомошни сме – вели жител на селото Кравари.

Кризниот штаб на Битола денеска излезе на терен и само ја потврди состојбата со поплавите во селата, кои се само на еден-два километри од градот. Механизација на општинските претпријатија денеска ги расчистува каналите. Критично е во селата Карамани и Трн.

– И во наши села имаше излевање на вода, во Кравари, Егри, Општичари, па сè до Кременица, интервенираме со пумпи, а ни помагаше и противпожарната единица од Битола. Голем број села се зафатани со поплави и од другата страна на Битола кај Крамани и Трн. Кризниот штаб ме информира за една специфична ситуација за излевање на Црна кај Лознани. Капацитетот на Црна и одводните канали не се доволни да ги прифатат овие води во полето, дури и во услови сите тие да се исчистени. Ако треба, ние сме подготвени и за евакуација на населението во овие кртични села – вели градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Сепак, најтешка е состојбата во Пелагонија, особено во општините Могила и Новаци. Таму денска беше министерот за финансии, Зоран Ставрески, кој и самиот констатира дека ситуација во овој регион е сериозна. Ставрески најави дека ако е потребно, во Пелагонија ќе интервенираат и полицијата и војската за последиците да бидат што помали.

– Во општина Могила состојбата е прилично сериозна, а во неколку населени места, водата освен во нивите, дошла и до куќите, а во некои од нив се поплавени само подрумите. Има материјална штета и потребно е на терен да се ангажира механизација и да се вложат дополнителни напори за да се спречат поголеми последици – вели Ставрески.

Исто така, последици од невремето и од обилните врнежи се чувствуваат во полето кое е дел од општина Новаци, поради прелевање на водите. Сепак, таму минимални се ризиците по животот на граѓаните, имотот и добитокот, констатираше министерот Ставрески.

– Во Новаци имаме, пред сè, штета на полето, од прелевање на водите на Црна. Но, сепак, таму има добра организација Општината, мештаните и кризниот штаб и последиците се помали – додаде Ставрески.

А.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток...