Седумнаесет застрелани во напад на средно училиште на Флорида


       
Паркленд, 15 февруари, 2018 - 10:33 (META) 

Најмалку 17 лица се убиени, а голем број се ранети во средно училиште во американската сојузна држава Флорида, при вооружен напад што се случи вчера пред крајот на наставата во во училиштето „Марџори Стоунмен Даглас“ во Паркленд, седумнаесет километри северно од Мајами.

Полицијата соопшти дека напаѓачот е уапсен и дека станува збор за 19-годишниот Николас Круз, поранешен ученик во училиштето, кој се наоѓа во притвор.

Двајца американски сенатори од Флорида, по разговорот со полицијата, пренесоа дека напаѓачот носел гас-маска кога влегол во училиштето носејќи автоматска пушка, кутии со муниција и димни гранати, а потоа го активирал противпожарниот аларм, што довело тоа учениците и персоналот да излезат од училниците во ходниците, пренесуваат светските агенции.

„Таму се случи масакр“, изјави сенаторот Бил Нелсон за „Си-ен-ен“.

Како средношколец, Круз учествувал во воено спонзорирана тренинг програма на американската војска во училиштето, изјавила 19-годишната Џулијан Дејвис, која неодамна дипломирала во истата програма.

Во разговор со „Ројтерс“ Дејвис се присетила на „чудните приказни за ножеви и пушки“ на Круз, додавајќи дека „никој никогаш не го сфаќал сериозно“.

Дванаесет лица се убиени внатре во училишната зграда, две надвор, едно лице на улица, а две подлегнале на повредите во болница, изјави шерифот на округот.

Напаѓачот се предал на полицијата, појасни шерифот, кој на прес-конференција кажа дека ранетите се префрлени во околните болници.

„Ова е страшен ден…ова е катастрофално“, изјави шерифот.

Објавена е снимка направена од локален репортер, на која се гледа како полицијата го приведува напаѓачот, облечен во црвена маичка.

Средното училиште веднаш по нападот е затворено, а учениците се криеле кај стигнале – под работните маси, плакари или ги забарикадирале вратите, додека не дошла полицијата да ги спаси.

Многумина од нив мислеле дека станува збор за вежба, бидејќи кратко пред пукањето го слушнале противпожарниот аларм.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази сочувство по повод нападот на Флорида, додавајќи дека „ниту едно дете, професор, ниту било кој друг не смее да се чувствува небезбедно во американските училишта“.

Белата куќа ја откажа редовната прес-конфренција по извештаите за нападот. Претседателот Трамп разговарал со гувернерот на Флорида, Рик Скот и напиша дека Белата куќа соработува со полицијата „околу ужасниот напад“.

Сенаторот на Флорида, Марко Рубио на „Твитер“ порача дека нападот е „осмислен и изведен за да страдаат што повеќе лица“.