Вкупно 6,9 милиони евра годинава се планирани да се потрошат  за поттикнување рамномерен регионален развој во земјава. Парите се наменети за осум плански региони, пишува неделната економска анализа на „Порталб.мк“. Само за финансирање на проекти на ниво на планските региони одвоени се скоро пет милиони евра. Според податоците, најголем дел или 17,3 проценти од државната помош за рамномерен регионален развој е наменета за Североисточниот плански регион.

Во земјава дефинирани се осум плански региони: Скопски, Југоисточен, Источен, Пелагониски, Врдарски, Југозападен, Полошки, Североисточен и  секој од нив е со свои  економски, социјални и демографски специфики, кои воедно се и репер за начинот на доделување на буџетските пари. Со Програмата за рамномерен регионален развој во оваа 2019 година планирани се средства во износ од 6.910.569 евра.

Скоро 68 проценти од оваа сума е наменета за финансирање на проекти за развој на планските региони.

Според податоците до кои дојде „Порталб“, најголем дел од средствата од наменети за развој на планските региони завршуваат во Североисторчниот регион  17,3 проценти, Вардарски  14,7 проценти, Југозападен  13,3 проценти, Полошки 13,2 проценти, Пелагониски 11,9 проценти, Источен 11,3 проценти, Југоисточен  11,1 проценти, Скопски 7,2 проценти.

„Доколку се утврди ненаменско трошење на средствата кои ќе бидат распределeни, центрите за развој на планските региони,потребно е истите да ги вратат во Буџетот“- се наведува во одлука за доделување средства за финансирање на проекти за развој на планските региони.

Развојните индекси на планските региони (степенот на социјално-економски развој) покажуваат дека Скопскиот плански регион се карактеризира со натпросечен степен на развој, Југоисточниот и Источниот плански регион се на ниво на просекот а сите други региони се под просекот на државата. Јазот во развојот на Скопскиот плански регион и последниот по развиеност Североисточниот плански регион е исклучително голем. Полошкиот регион пак се одликува со надпросечен демографски развој но низок економско социјален развој.