!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Седум доживотни и 26 долгогодишни затворски казни добија обвинетите во „Диво Насеље“


       
Скопје, 2 ноември, 2017 - 14:55 (META) 

Седуммина обвинети за настаните во кумановско Диво Насеље од 9 и 10 мај 2015 година добија доживотни казни затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, шестмина по 20 години, еден обвинет 18 години, двајца по 14 години, двајца по 13 години затвор и двајца по 12 години затвор.

Ова се пресудите за 33 обвинети во случајот „Диво Насеље“ што денеска ги соопшти судијката Верка Петковска. Четворица од вкупно 37 обвинети добија ослободителни пресуди.

Денешното рочиште помина во тензична атмосфера, со големо полициско обезбедување, внатре и пред комплексот судови во Скопје.

Пред да бидат прочитани пресудите, обвинетите станаа од своите места и почнаа да ја пејат албанската химна, да извикуваат „УЧК“ и да се закануваат дека крвта на убиените нема да остане неодмаздена и дека во Македонија ќе нема мир.

Судијката ги острани од судницата повеќето обвинети кои правеа неред, по што ги прочита пресудите.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бараше доживотен затвор за сите 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, додека адвокатите на обвинетите, пак, бараа ослободителни пресуди бидејќи, според нив, има недостиг од докази за стореното кривично дело.

Адвокатот Насер Рауфи, бранител на дел од обвинетите, по завршувањето на рочиштето, рече дека тие како одбрана не очекувале коректни казни, но не очекувале ниту вакви драконски казни.

– Обвинителството сè уште не е реформирано. Со најавената меѓународна истрага, ќе докажеме дека овие луѓе се донесени овде за туѓи интереси. Сите бранители ќе поднесат жалба на пресудите за обвинетите. Има информации за докази со кои ќе се докаже дека ова е монтирано рочиште. Со меѓународна истрага ќе се реши овој случај. Тајните служби се тие што го измонтираа овој случај – рече Рауифи.

Инаку, министерот за внатрешни работи на 20 септември изјави дека Владата ќе бара дополнителна – меѓународна истрага за настаните во Диво Насеље за да се дознае вистината за овој настан.

– Во однос на кумановските настани, ќе кажам две работи. Прва работа е дека тој случај добива некаква судска разврска, меѓутоа ние, како Влада, презедовме обврска дека ќе направиме дополнителна и тоа меѓународна истрага, за на еден соодветен начин јавноста да ја дознае вистината за овој настан и за тоа што се случувало во кумановските настани и согласно на таа истрага, да имаме една постапка во која ќе веруваат мнозинството граѓани на Република Македонија – изјави тогаш Спасовски.

Во настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година, каде вооружена група се судри со македонските безбедносни сили, загинаа осум припадници на безбедносните сили, а околу 40 беа повредени. Целиот случај го следат многу контроверзии кои сè уште не се разјаснети.

Судскиот процес за случајот „Диво Насеље“ почна на 9 февруари минатата година.