Сеад Кочан доби шест години затвор за „Труст“, Авировиќ три години


       
Скопје, 20 јули, 2018 - 12:51 (META) 

Шест години затвор доби бизнисменот Сеад Кочан, а три години затворска казна доби Василије Аврировиќ, одлучи судијката Лидија Трајковска-Зимбовска во случајот „Труст“ на СЈО, во кој тие беа обвинети дека формирале конзорциум и со лажни документи добиле тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола.

Третообвинениот во предметот Сафет Ватиќ е ослободен од обвинението, како и неговата фирма ВАТО ДООЕЛ.

За Кочан има и забрана да биде управител на правно лице или одговорно лице во правно лице во траење од три години. Авировиќ доби забрана да биде застапник на правно лице за потпишување тендери.

Обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ пред Судот се изјаснија дека не чувствуваат вина за делото за кое се товарат.

Фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ кои според обвинението, здружени во конзорциум, доставиле фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност со цел да добијат тендер на ЕЛЕМ за ископ на јаглен во Суводол за 17 милиони евра.