Сè уште неизвесна посетата на Вучиќ на српските енклави во Косово


       
Белград, 7 септември, 2018 - 9:27 (META) 

Српскиот претседател Александар Вучиќ и вчеравечер не одговори дали е можно да биде откажана неговата посета на српските енклави на Косово, која беше најавена за викендов.

– Утре ќе зборуваме за тоа – им одговори Вучиќ на новинарите во Белград по заедничката прес-конференција со американскиот министер за трговија Вилбур Рос, по повод потпишувањето на Меморандумот за разбирање на владите на Србија и САД во областа на инфраструктурата.

РТС и провладиниот весник „Вечерње новости“ претходно вчера објавија дека посетата на Вучиќ на српските средини во Косово може да биде откажана доколку официјална Приштина му забрани да го посети езерото Газиводе на северот на Косово. Беше наведено дека ако се случи тоа, Вучиќ ќе ги прекине сите контакти со Приштина, како и дека би можело да се откаже денешното продолжение на официјалниот дијалог во Брисел.

Претседателот на косовскиот парламент, Кадри Весељи, вчера рече дека нема причини Вучиќ да оди на Газиводе и дека може да се случи да му биде забрането влегувањето во Косово поради „деструкција на стабилноста на Косово“, иако претходно доби дозвола.

Езерото и хидроцентралата Газиводе според официјален Белград имаат стратегиско значење за опстанокот на Србите на северот на Косово, додека официјална Приштина одбива секаков разговор на таа тема.