fbpx

Се укинува законот за придонеси за хонорарци

-

Законот за придонеси за хонорарци се укинува. Предлогот помина вчера на владина седница.

Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, укинувањето на плаќањето на придонесите на хонорарците се прави од причина што „со други мерки на Владата на Република Македонија се исцрпеа ефектите што беше предвидено да се постигнат“.

– Во последниот период се реализираше проектот „Македонија вработува“, кој вклучува мерка што овозможува ослободување во период од една до пет години од плаќањето придонеси на лица кои ќе бидат вработени во приватниот сектор. Со тоа, практично, околу 4.000 лица во Република Македонија веќе имаат стекнато редовен работен однос и за нив се плаќаат придонесите и за пензиско и за здравствено осигурување – објасни денеска министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Измените на законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, а кои се однесуваа за хонорарците, стапија на сила од 1 јануари 2015 година. Со нив беше предвидено хонорарците да плаќаат околу 35 проценти за пензиско и за здравствено осигурување од остварениот приход врз основа на договор на дело, авторски договор или друг вид договор со кој се остварува надоместок.

Голем број здруженија, организации и граѓани протестираа против овој закон и незадоволството го изразија на улица.

Сметководителите, од друга страна, реагираа на конфузноста и на забуните што законот ги предизвика при реализација во практика.

По овие реакции, законот претрпе измени и дополнувања, со тоа што невработени лица требаше да плаќаат 35 проценти на сумата остварена над минималната плата од 9.590 денари, а вработените – за остварена сума хонорари поголема од просечната плата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...