СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ требаше да ги брани ставовите против Договорот со Бугарија


       
Скопје, 15 јануари, 2018 - 16:58 (META) 

Договорот со Бугарија е во согласност со националните и државните интереси на Република Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ одново покажа дека нема капацитет да ги напушти политиките на изолација, конфликти и поделби во општеството, велат од владејачката СДСМ како реакција на прес-конференцијата на Драган Данев.

„Со кукавичката прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ денеска покажа дека е против добрососедски односи, против интеграција и против зајакнување на регионалната и меѓународната позиција на Република Македонија. Впрочем, да имаше какви било аргументи, ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваше на собраниската седница и ќе ги бранеше, наместо да промовира изолација. Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија што денеска беше ратификуван во Собранието, затвора долгогодишно отворено прашање и е во интерес на двете држави, на нивните граѓаните, целосно во согласност со националните и државни интереси на Република Македонија“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ порачуваат ВМРО-ДПМНЕ наместо да создава поделби и конфликти, да покаже одговорност пред граѓаните, пред интересите на државата и активно да се вклучи во процесот на реформи.