СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е незаинтересирана за потребите на граѓаните


       
Скопје, 26 јануари, 2018 - 17:34 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ досега имаше можност да учествува во процесот на донесување на Законот за употреба на јазиците, но наместо тоа, опозициската партија одбра да не учествува по сопствен избор, се вели во реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Од таму додаваат дека „ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотира реформските процеси во Собранието, кои што се во интерес на граѓаните, со што, останува заробена во политиките на поделби, изолации и деструкции кои што со години ги промовира.“

„Најавата дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати во Собранието само за дебата за еден закон, јасно покажува дека опозициската партија е незаинтересирана за интересите и потребите на граѓаните. Оттука јасно е дека потегот на ВМРО-ДПМНЕ не е поврзан со интересот на граѓаните или со подобрување на животот на граѓаните туку исклучиво станува збор за провидна, ситна политикантска игра“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата го повторија ставот дека Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот и со него се унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници во земјава.