СДСМ: ОЈО да ги расчисти злоупотребите во Домот за стари лица во Прилеп


       
Прилеп, 23 јануари, 2018 - 14:26 (META) 

Членот на Советот на Општина Прилеп од СДСМ, Александар Китаноски бара Основното јавно обвинителство да ги расчисти кривичните пријави против поранешниот градоначалник, Марјан Ристески и поранешните директори на Домот за стари лица, Ирена Стерјовска Локвенец и Дарко Рибароски, за кои вчера актуелниот директор на оваа институција ја извести прилепската јавност.

– Веднаш да се расчистат сите индиции од кривичната пријава дека, поранешниот директор Дарко Рибароски и фирмата „Марфил“ го оштетиле Домот за стари лица за повеќе од 300.000 денари, со тоа што изготвувале фиктивни фактури за наводна испорака на прехранбени производи кои никогаш не пристигнале во оваа јавна општинска установа. Прилепската јавност е згрозена од информациите за злоупотреба на народните пари и пензиите на штитениците згрижени во домот, кои што долго време биле оставани без квалитетна храна и лекови, без соодветна медицинска заштита, без греење и во катастрофални услови за сместување – изјави Китаноски на прес-конференција.

Тој исто така побара Обвинителството да го расчисти, како што вели, и сомнежот за злоупотреба на службената положба на Марјан Ристески, дека именувањето на претседателката на Унијата на жени на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Ирена Стерјовска Локвенец, за директорка на старскиот дом „Киро Крстески – Платник“, било спротивно на посебните услови од објавениот јавен конкурс.

– Исто така, очекуваме дека надлежните институции ќе утврдат на кој начин поранешниот градоначалник Ристески, му овозможил на Рибароски, надвор од сите законски рокови, повеќе од шест години да ја извршува функцијата, вршител на должност директор на Домот за стари лица. Граѓаните на Прилеп сакаат да знаат како тоа поранешните директори на домот, и покрај партиципацијата на штитениците и субвенциите кои им ги доделувала Општина Прилеп, успеале да направат загуби од 15 милиони денари – додаде Китаноски.