СДСМ: Иванов останува сам, заробен во сопствената идеја за изолација


       
Скопје, 24 септември, 2018 - 11:28 (META) 

Во клучната недела за иднината на државата и нејзините граѓани, Ѓорге Иванов одлучи да не ја напушта својата идеја за изолација на Македонија, се вели во реакцијата на СДСМ на изјавата на претседателот Ѓорге Иванов.

Во неа се додава дека „очигледно е дека Иванов е навикнат да им предизвикува проблеми на сопствените граѓани, дури и на оние кои го гласаа.“

„Последниот остаток од криминалниот режим на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов е противник на демократијата, бидејќи ја спори најважната демократска алатка – гласањето.  А, токму преку гласање и избори, Иванов стана претседател. Ставот на Иванов е срамно бегство од одговорност. За среќа на граѓаните, Иванов не е тој кој одлучува за иднината. Иванов е премал и премалку важен, граѓаните и нивната волја се тие кои се големината на Македонија, тие ќе ја донесат одлуката. Иванов, за жал, останува да биде лице кое сее омраза и кое ги дели граѓаните, претседател кој оди спротивно на волјата на граѓаните, претседател кој избран преку гласање, а денес има проблем со гласањето“, се додава во соопштението на СДСМ.