Битолските социјалдемократи до централата на СДСМ во Скопје испратиле долга листа од 104 потенцијални кандидати за пратеници на претстојните парламентарни избори.
Предлозите биле испратени директно од месните организации, а им бил оставен простор на членовите и самите да се кандидираат.
Меѓу најзвучните имиња за евентуални кандидати за пратеници се потпретседателот на партијата и актуелен дополнителен министер за информатичко општество, Александар Кирацовски, а на листата се и довчершните пратеници Јулијана Силјановска и Васко Ковачевски, шефот на изборниот штаб на СДСМ во Битола, Методија Тасевски, советниците Благојче Котевски, Горан Козаров и Зоран Стојчевски, претседателот на комисијата за здравство на СДСМ, гинекологот Гоце Чакаровски, и адвокатот Васко Талевски.
Според процедурите, по конгресот на СДСМ на крајот на овој месец, ќе се знае кои од предложените имиња за евентуелни пратеници ќе се најдат на листата во петтата изборна единица.
– СДСМ како демократската партија, воведува и демократски процедури за предлагање и за избор на кандидати за пратеници на претстојните парламентарни избори. Потоа централното раководство ќе одлучи кои ќе се најдат на кандидатската листа за пратеници – изјави за „Мета“, Александар Кирацовски.