Само со праведна транзиција ќе се овозможи зелен развој на регионите кои создаваат нечиста енергија

РЕК Осломеј | Фото: Државен инспекторат за државна средина

Преминот од употреба на фосилни горива кон обновливи извори на енергија, кој Северна Македонија го зацрта со изборот на зеленото сценарио од Стратегијата за енергетика, треба да биде паралелно следен од процесот на праведна транзиција. Ова особено важи за регионите на Кичево и Битола, каде што се лоцирани термоелектраните Осломеј и РЕК Битола.

Во моментов, над 50 отсто од потребите за електрична енергија кај нас се задоволуваат од фосилните горива, процес во кој се испуштаат стакленички гасови кои директно влијаат на промените во климата. Напорите на земјата за намалување на влијанијата на климатските промени нужно ќе доведе до промена во која ќе треба обновливите извори да доминираат. Таа ќе засегне најмалку 3.500 вработени во оваа индустрија, а индиректно и многу поголем број жители на регионите и пошироко, беше посочено на дискусијата за декарбонизацијата, но и нејзините последици во општеството, кои беа тема на работилницата „Патот кон праведна транзиција“, што се одржа во рамките на Националната конференција за клима, организирана од Еко Свест, CNVP и ДЕМ.

Темата за праведна транзиција, според Александру Мустата од CEE Bankwatch, е многу релевантна во Европа во последните две децении, во кои индустријата со јаглен е во постојан пад и отпушта работници, како што беше случајот со земји како Романија, Словачка, Чешка и други. За вистинска транзиција, според него, неопходно е првенствено дефинирање на поимот кој ќе треба да содржи не само опис туку и насоки и цели како и што треба да се постигне.

„Овој процес е неопходен за изнаоѓање вистиско решение за работниците од индустријата, да се создадат нови работни места кои ќе гарантираат сличен начин и ниво на живот и заработка, работниците да добијат шанса за преквалификација, да се декарбонизира индустријата и  да се озбезбеди учество на сите засегнати страни“, посочи Мустата.

Една од дефинициите за праведната транзиција, посочи тој, гласи дека тоа е модел на повторен развој заснован на локално дизајнирани јавни политики, кои создаваат квалитетни работни места и пристоен живот за сите работници и заедници кои ја декарбонизираат својата економија, иако нагласи дека нема дефиниција за успешен процес што ќе биде релевантен за секоја земја, туку дека таа зависи од регион до регион.

Според Невена Смилевска од „Еко свест“ засегнати страни во процесот на праведна транзиција не се само вработените во одреден капацитет, туку сите поединци во тој регион но и пошироко. Влијанијата се многукратни и имаат и економски и социјални и културни ефекти. Вработените стануваат невработени, им се намалува економската моќ што влијае и на економските текови во заедницата, се менува нивниот социјален и културен статус и бидејќи се работи за голема група тоа има ефекти и на целата заедницата

„Македонија има пример во историјата со стечајните работници како изгледа неправедна транзиција. За процесот да биде праведен треба навремено да се видат сите опции, да се вклучат сите страни за да се овозможи квалитетен живот и напредок на регионот. Планирањето создава финансии, а непланирањето проблеми. Финансиите за праведната транзиција доаѓаат од правилното планирање како да изгледа регионот кога ќе заврши процесот, кои се можностите за развој што ги гледаат граѓаните и кои се гранките кои можат да се стимулираат“, посочува  Смилевска.

Транзицијата во земјава е неизбежна, според Елена Николовска од „Еко свест“, но мора да биде побрза. Основи за праведна транзиција дава Стратегијата за енергетика која предвидува напуштање на јагленот како енергенс до 2040 година. Транзицијата за Осломеј е веќе започната со планирањето на фотоволтаичните централи на местото на рудникот. Во меѓувреме, во тек е и изработката на повеќе документи како Нацрт Националниот план за енергија и клима и Програмата за имплементација на Стратегијата кои содржат програма за праведна транзиција и прават обид за дефинирање на поимот.