fbpx

Само пет проценти од домаќинствата во Македонија се осигурани

-

Само пет проценти од домаќинствата во Македонија се осигурани и свесноста за осигурувањето кај граѓаните се уште е мала, изјави денеска претседателот на Здружението на осигурувањето при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓе Војновиќ.

Тој рече дека во следниот период една од задачите на осигурителните компании ќе биде едукација на населението од потребата за осигурување, заради инвестирање во иднината.

Војновиќ потенцираше дека компаниите се повеќе размислуваат нивните осигурителни производи да ги продаваат преку интернет, за да ги направат што поблиски до граѓаните, како што е за автомобилското осигурување од одговорност.

Кај земјоделското осигурување се забележува пад од 10,49 проценти на остварената бруто полисирана премија (БПП) која изнесува 157,26 милиони денари, како и во бројот на склучени договори лани 2.243, односно пад од 44,26 проценти во однос на претходната кога биле склучени 4.024 договори.

Според претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Климе Попоски ова се должи на тоа што самите осигурителни друштва ги заостриле условите при приемот на барањата за осигурување, зголемување на цените, но и високиот степен на ризици од неповолни временски услови.

– Втората причина за намалено земјоделско осигурување е што како претходната така и сегашната влада вршат директно обесштетување на сите земјоделци погодени од катастрофи – појасни Попоски.

Во делот на осигурување на имот од катастрофални ризици како земјотреси и поплави исто така се забележува намалување. Граѓаните ги осигурувале имотите еден до два месеци после земјотресот и поплавата, а потоа интересот се намалил.

Минатата година се забележал подем на здравственото осигурување, биле склучени 1.752 договори и има зголемување во однос на 2016 година кога биле склучени 1.256 договори.

Во Македонија работат 16 друштва за осигурување и тоа 11 друштва за неживотно и пет друштва за животно осигурување.

Лани приходите биле зголемени за 3,1 процент во однос на 2016 година и изнесувале 8,99 милијарди денари бруто-полисирана премија.

Во 2017 година, друштвата за осигурување склучиле 1.385.676 договори при што се забележува пораст од 7,19 отсто во однос на 2016 година кога беа склучени 1.292.749 договори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...