fbpx

Самит на СЕЕЦП во Дубровник – големи очекувања за Балканот од самитот во Трст

-

Годишен состанок на министрите за надворешни работи и на шефовите на држави и на влади се одржува денеска во Дубровник, со што завршува хрватското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), а на кој беа искажани и големи очекувања за Балканот од претстојниот самит во Трст.

СЕЕЦП е формиран во Софија во 1996 година, а нејзини членови се Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција. Тој се смета за политички форум за унапредување на соработката во регионот, поттикнат од земјите од регионот. Активностите главно ги координира Регионалниот совет за соработка (РСС), меѓувладино оперативно тело на СЕЕЦП со седиште во Сараево.

Настанот го отвори шефицата на хрватската дипломатија и министерка за европски прашања, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, која претходно оствари низа билатерални средби, меѓу кои и со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, кој, пак, имаше свое излагање.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, изрази задоволство од хрватското претседателство, го презентираше годишниот извештај кој беше поздравен од министрите и ја подвлече важноста за Балканот од претстојниот самит на Западен Балкан со ЕУ што ќе се одржи во Трст за две недели, на 12 јули.

– Следејќи го фокусот од агендата на поврзувањето од минатогодишниот самит во Париз, очекуваме во Трст за две недели  процесот да биде управуван кон цврста економска интеграција на Балканот, со што ќе се исполнат очекувањата не само на регионот, туку и економските критериуми од делот од копенхашките критериуми за влез во ЕУ – подвлече Свилановиќ.

Состанокот на шефови на држави и на влади продолжи попладнето, а го отвори хрватската претседателка Колинда Грабар- Китароовиќ. Следува свечена вечера што ја организира хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. На овие настани учествува и претседателот на РМ, Ѓорѓе Иванов, кој исто така се очекува да има билатерални средби.

Утре Иванов и  Димитров ќе присуствуваат на традиционалниот Дубровнички форум, кој годинива ќе биде посветен на „Јадранско-медитеранската соработка и безбедноста во Југоисточна Европа“, а ќе се работи и во пленуми, посветени на комуникациите, трговијата и на младите.

Од 1 јули годинава, претседателството со СЕЕЦП го презема Словенија, а за 2018 година кандидатури поднеле Косово и Босна и Херцеговина, за што ќе се разговара и во Дубровник и подоцна во Трст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...