!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Самит 100“: Да испратиме порака за регионално единство


       
Скопје, 17 октомври, 2017 - 15:25 (META) 

„Самит 100“ е одлична можност за премиерите да дадат конкретна поддршка на бизнис-заедницата, порача премиерот Зоран Заев, на обраќањето на „Самит 100“ за бизнис-лидери на Југоисточна Европа.

Тој додаде дека политичарите треба да ја донесат Европа во регионот бидејќи ако приватниот сектор и бизнис-заедницата одат напред, тогаш и државите ќе постигнат добри економски резултати.

– Работиме на унапредување на регионалната соработка бидејќи Западна Европа ќе нè почитува повеќе ако соработуваме и ако сме сплотени. Потребно е да испратиме порака на единство на регионот – рече Заев и апелираше да се намалат часовите на чекање на граничните премини заради динамичен пораст и развој.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, рече дека земјите во регионот треба да соработуваат, а не да си попречуваат. Тој нагласи дека е добро што оваа средба на премиерите не е под ничие посредништво, туку се случила нормално и природно, што не било случај во минатото.

– Овој регион има голем потенцијал, кој не е доволно искористен поради пречките и минатото. Само Балканот може да си го дозволи луксузот на чекање на границите, кое, според некои податоци, изнесува 3.800 години – рече Рама.

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ рече дека земјите од Западен Балкан живеат едни до други, но не можат да стигнат едни кај други. Како пример го наведе неговото долго патување до Скопје преку Сараево и Истанбул.

– Макроекономската соработка, структурните реформи и економската соработка се клучни за развој на регионот – рече Марковиќ.

Претседателот на советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, рече дека стопанствата на земјите од регионот се комплементарни и затоа треба да се намалат царинските пречки за побрз проток на стоки и на луѓе. Порача дека земјите од регионот треба да настапат со заеднички проекти пред европските фондови.