fbpx

Самарас го напаѓа Ципрас со спорот за името

-

Грчкиот премиер Андонис Самарас го употреби и спорот за името како оружје за напад во предизборната пресметка со СИРИЗА.

Во дел од неговата колумна за неделникот „Риал њуз“, Самарас индиректно упатува апел до десничарските пратеници да не гласаат за партија што би дозволила соседната држава да го користи името Македонија.

„Оние кои лобираа за „заштита на нашите национални прашања“ и за „безбедноста на граѓаните“ како може денес да се на иста страна со партиите што ја поддржуваат пропагандата на Скопје, дозволуваат слободен влез на илегалните имигранти во Грција и во секоја пригода ги поддржуваат активностите на вандалите?“, вели Самарас во колумна за неделникот.

Ова не е првпат грчкиот премиер предизборно да го користи секое оружје, па и спорот за името за да креира што понегативна слика за СИРИЗА. Ваквите напади доведоа до поригорозна реторика на лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, во последните две години. Како индиректна одбрана од  нападите, и Ципрас во секоја пригода изминатите две години говори за потребата да се стави крај на иредентистичката политика на македонската влада.

Ваквиот настап на Самарас во неделникот, во суштина, е обид да се присвои по некој глас од десничарските пратеници од Независни Грци, кои се решени да не гласаат за владиниот претседателски кандидат Ставрос Димас. Во истата колумна Самарас упатува повик и до левичарската Демократска левица, прашувајќи како е можно пред една година нејзини членови да биле дел од владината коалиција, а сега да се на страна на партија со антиевропски ставови. Самарас се надева пукањето со сите куршуми против СИРИЗА да им помогне во третото гласање за шеф на државата да стигнат до 180 гласови и владината коалиција да успее да се задржи на власт барем уште една година.

Лидерот на СИРИЗА во исто време возвраќа, повикувајќи ги и пратениците и граѓаните да не дозволат да бидат заплашени од зборовите на Самарас.

„Самарас е премиер на хаосот. Неговата единствена лична надеж е хаосот. Секое неговото политичко дело од моментот кога сврте грб на сопствената реторика против мерките за штедење и стана лидер на партијата која поддржува мерки за штедење е дело кое предизвикува хаос“, истакна Ципрас во говор на Крит.

М.П.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...