!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Сакаме паркови, а не згради, порачаа граѓаните на протестот за чист воздух


       
Скопје, 21 септември, 2017 - 20:37 (META) 

Со пароли и извици „Сакаме паркови, не згради“ и „Нема воздух, нема мир“, граѓаните на Скопје денеска го одржаа мировниот марш за чист воздух, организиран од Коалицијата О2 и Првата детската амбасада во светот „Меѓаши“, на кои им се придружија уште 18 невладини организации.

Протестот почна пред Владата и продолжи преку булеварите Илинден и 8 Септември каде граѓаните се приклучија здруженијата „Ние сме Карпош 4“ и „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“, кои претстираа против уништувањето на зелените површини во општината, на чие место треба да бидат изградени згради.

Активистите побараа од Владата да почне што побрзо да го решава проблемот со загадениот воздух и ги повторија барањата кои се веќе доставени до Министерството за животна средина.

– Ветувавте дека ќе направите промена. Ве охрабруваме да ја искористите шансата и да покажете сериозен пристап за решавање на проблемот со загадувањето. Заедно ќе ви стоиме на глава и ајде заеднички да го решиме проблемот – порача активистот Лазар Ѓуров.

Активистот Ѓоко Парго рече дека секоја вечер во Карпош мириса на хемикалии и на изгорена пластика.

– Воздухот смрди секоја вечер, мириса на профитот на некои луѓе – рече тој.

Ели Пешева од Коалицијата О2 рече дека овој период, пред локалните избори е исклучително важен, за идните градоначалници да го сфатат проблемот и заедно со централната власта да преземат итни мерки, бидејќи во сите поголеми градови – во Скопје, Тетово, Битола, Струга, Куманово, Кичево, Кавадарци граѓаните директно ги чувствуваат последниците од загадениот воздух.

Таа најави дека предлог-мерките ќе им бидат доставени на сите кандидати за градоначалници, од сите партии.