!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

САД воведуваат нов пакет санкции кон Венецуела


       
Вашингтон, 9 ноември, 2017 - 21:06 (META) 

Властите на САД денеска соопштија дека ќе воведат нов пакет санкции кон Венецуела, против десет високи функционери кои Вашингтон ги обвинува за поткопување на изборниот процес во земјата, цензура на медиумите и корупција, јавуваат светските агенции.

„САД не можат а да не реагираат додека режимот на претседателот (Николас) Мадуро продолжува да го уништува демократскиот поредок и просперитетот на Венецуела“, изјавил министерот за финансии на САД, Стивен Мнучин.

На списокот на новите санкции, меѓу останатите, се наоѓаат потпретседателката на земјата, Сандра Облитас Руза, амбасадорот во Италија, Хулијан Изајас Родригес Дијас и министерот за култура, Ернесто Емилио Виљегас Полхак.

САД првите санкции кон Венецуела ги воведоа на 31 јули, оваа година, додека на 25 август Белата куќа соопшти дека воведува дополнителни финансиски санкции, меѓу кои и забрана за купување на новите обврзници кои ги издава владата на Венецуела или нејзината национална нафтена компанија – ПДВСА.

Длабоката политичка и економска криза со месеци ја тресе Венецуела, која е поделена помеѓу приврзаниците на претседателот Мадуро и либералната опозиција која бара вонредни претседателски избори.