САД: Лидерите да се издигнат над партиските интереси за посветла иднина на земјата


       
Вашингтон, 1 октомври, 2018 - 9:35 (META) 

Американскиот Стејт департмент, синоќа преку соопштение ги поздрави резултатите од вчерашниот референдумот во Македонија на кој граѓаните изразија поддршка за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

„САД силно ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот од Преспа, кој и овозможува на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и ЕУ, и ќе придонесе кон регионалната стабилност, безбедност и просперитет. Со оглед на тоа што македонскиот Парламент сега започнува со разгледување на уставните измени, ги повикуваме лидерите да се издигнат над партиските политики и да ја искористат оваа историска можност да обезбедат посветла иднина за земјата како полноправен член на западните институции“, се наведува во соопштението од Стејт департментот, по одржувањето на референдумот во Македонија.