САД бараат Полска да го уапси Полански


       
Варшава, 30 октомври, 2014 - 10:58 (META) 

САД побараа Полска да го уапси режисерот Роман Полански, кој пред 36 години ја напушти Америка поради обвинението за наводно силување на малолетно девојче.

Полански пристигна во Варшава за отворањето на Музејот на полските Евреи.

– Не станува збор за барање за екстрадиција, туку за апсење кое би овозможило почнување на процедурата за екстрадиција – соопшти за „Газета“ висок претставник на полското Министерство за правда.

Според обвинението, режисерот во 1978 година наводно ја силувал тогаш 13-годишната Саманта Гејл. Во согласност со американските и полските закони, таквиот сексуален чин се смета за педофилско силување.

Полански побегна во Франција, која одби да го испорача. САД и понатаму кривично го гонат Полански, иако жртвата побара повлекување на тужбата откако постигна спогодба за обесштетување. Сепак, во САД силувањето е злосторство што се гони по службена должност.

– Засега ништо не преземаме во врска со барањето на САД, затоа што не ги исполнува формалностите, односно не е преведен на полски, како што се бара во согласност со меѓународниот договор. Ќе го вратиме на дополнување – соопшти изворот од Министерството за правда на Полска.