Руско МНР: На референдумот беа бојкотирани решенија наметнати од надвор


       
Москва, 2 октомври, 2018 - 11:14 (META) 

Резултатот од референдумот во Македонија покажува дека гласачите одлучија да бојкотираат решенија наметнати од надвор, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

„Водечките политичари од НАТО и Европската Унија директно се вклучија во пропагандната кампања, не воздржувајќи се од мешање во внатрешните работи на земјата. И покрај фактот што две третини од граѓаните на Македонија не го поддржаа Преспанскиот договор, резултатите од референдумот веднаш беа поздравени од лидерите на ЕУ и НАТО, како и од Вашингтон. Тие се решени да го вклучат Скопје во НАТО и покрај спротивниот став на македонските граѓани“, наведуваат од МНР на Русија.

Официјална Москва, како што се посочува, и натаму ја застапува принципиелна позиција дека долгорочно решение може да се најде само меѓу двете земји, без мешање однадвор, и исклучиво во рамките на правниот систем и со широка јавна поддршка.

„Јасно е дека Преспанскиот договор не ги исполнува овие критериуми. Тој е контрадикторен со меѓународното право и македонскиот Устав, што беше постојано нагласувано од претседателот на државата Ѓорге Иванов, вклучувајќи го и неговото обраќање пред Генералното собрание на ОН. Русија како постојана членка на Советот за безбедност на ОН внимателно ја следи ситуацијата. Сметаме дека согласно став 3 од Резолуцијата 845 на СБ на ОН, резултатите од преговорите меѓу Скопје и Атина треба да бидат разгледани во Советот за безбедност“, се вели во соопштението од руското МНР.

Рускиот амбасадор Сергеј Александрович Баздникин, во интервју за „Спутник“ изјави дека она што е факт, е дека резултатите од гласањето потврдија дека референдумот е неважечки, имајќи предвид дека на референдумот излегоа само 36,9 отсто од гласачите со право на глас, а требаше да излезат 50 отсто плус еден гласач.