Рускиот новинар Бабченко, кој беше силен критичар на Путин е убиен во Киев


       
Киев, 30 мај, 2018 - 12:53 (META) 

Рускиот новинар, Аркади Бабченко e убиен во Киев во својот стан, соопшти украинската полиција и наведе дека најверојатно бил мета поради работата што ја работел.

Неговата сопруга го пронашла ранет и повикала служба за Итна медицинска помош, но тој починал по пат.

Шефот на киевската полиција изјавил дека „прва и најочигледна верзија“ е дека врз Бабченко било пукано поради неговите професионални активности.

Претставникот на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОЕБС) за слобода на медиумите на неговиот твитер-профил напиша дека е згрозен од убиството на Бабченко и ги повика украинските власти итно да спроведат истрага.

Tекстовите на Бабченко предизвикуваа големи реакции во Русија, а во еден од нив напиша дека не жали поради смртта на рускиот хор кој настрада во авионска несреќа во декември 2016 година. Поединци бараа да му се одземе руското државјанство.

Тој ја напушти Русија во 2017 година, изјавувајќи дека добива закани и дека се плаши дека може да биде уапсен. Лани тој се пресели во Киев и работеше за телевизијата „АТР“.