Русија стави вето на резолуцијата за Сирија


       
Њујорк, 24 октомври, 2017 - 17:50 (META) 

Русија стави вето на резолуцијата на Советот на безбедност на ОН, со која требаше да се продолжи мандатот на инспекторите што ги истражуваат хемиските напади што силите на сирискиот претседател Башар ал Асад ги извршија во април годинава.

САД побараа да се гласа за нацрт-резолуција со која на експертите на ОН и на Организацијата за заштита од употреба на хемиско оружје ќе им се продолжи мандатот за уште една година, односно им се дава дополнително време за да ги истражат околностите на нападот, како и на другите напади на сириските владини сили, за кои се постои сомневање дека се извршени со хемиско оружје.

Сегашниот мандат на истражниот одбор трае до 18 ноември.

Западните земји ја обвинија војската на сирискиот претседател Башар ал Асад за нападот од 4 април, за кој постои сомневање дека е извршен со хемиско оружје, додека сириските власти негираат и наведуваат дека погодиле складиште на бунтовниците, во кое имало хемикалии.

Како одговор на нападот, американскиот претседател Доналд Трамп одобри напад со крстосувачки ракети на сириската база Ал Шајрат.