Русија депортираше црногорски пратеник


       
Подгорица, 29 мај, 2017 - 12:07 (META) 

Пратеник на црногорнскиот парламент и висок функционер на Демократската партија на социјалистите, Миодраг Вуковиќ, денеска е депортиран од Москва во Црна Гора, откако ноќта ја мина во транзитната зона на аеродромот „Домодедово“.

Вуковиќ патувал од Црна Гора преку Москва за Минск, каде се одржува парламентарен собир на Централно-европската иницијатива.

Граничната полиција го задржала Вуковиќ на аеродромот и му укажале дека руските власти го сметаат за персона нон грата.

Вуковиќ не можел да ја напушти Москва до утринава, кога му било дозволено да се качи на авионот кој летал за Тиват.
Односите меѓу Русија и Црна Гора се затегнаа поради амбициите на официјална Подгорица за влез во НАТО, а тензиите кулминираа минатата година, кога на парламентарните избори во Црна Гора, црногорските власти ја обвинија Москва дека се обидела да изврши преврат и атентат на тогашниот црногорски премиер Мило Ѓукановиќ. Русија категорично ги отфрли ваквите обвинувања.