!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Русија: Доста е странско мешање во Македонија


       
Виена, 16 март, 2017 - 17:06 (META) 

Русија повикува да се запре странското мешање во внатрешните работи на Македонија, рече рускиот амбасадор во ОБСЕ, Александар Лукашевич.

– Потребно е да се запре странското мешање во внатрешните работи на Македонија и да се почитуваат правата на македонските граѓани самостојно да одлучуваат за својата судбина, во согласност со основите демократски принципи. Ги повикуваме сите политички сили во Македонија и надворешните посредници од ЕУ и од САД да го следат патот за решавање на внатремакедонската ситуација низ дијалог во контекст на постоечките законски демократски процедури, со почитување на постапките и на одлуките на легитимната власт, водејќи се од подобрување на стабилноста и општествената хармонија во Македонија – се наведува во текстот од говорот на Лукашевич на заседавањето на советот на ОБСЕ, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Русија.

Рускиот дипломат истакнал дека и покрај волјата на македонскиот народ, некои сили се обидуваат, користејќи го албанското малцинство, на власт во Скопје да доведат политичари кои изгубиле на изборите.

– На внатрешно-политичкиот процес му даваат меѓуетничка боја, наметнувајќи ја „тиранската платформа“ – отворено провокативен документ кој има цел да го подрие уставното уредување на Македонија со директно учество на претседателот на албанската влада – вели Лукашевич.

Постојаниот претставник на Русија во ОБСЕ додаде дека предизвикување на меѓуетничките тензии во Македонија е исклучително опасно, не само за земјата туку и за целиот регион.