!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Русија бара транскрипт од интервјуто на Шекеринска за „Блумберг“


       
Москва, 15 август, 2017 - 16:57 (META) 

Обвинувањата на сметка на Москва за наводното мешање во внатрешните прашања на Македонија се исконструирани и неосновани, рече портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, по повод интервјуто на македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска за агенцијата „Блумберг“.

Захарова, како што пренесува „Спутник“, вели дека таквите изјави се во спротивност со ставот на официјално Скопје и на настојувањата на македонските власти за развој на конструктивни односи со Русија и јакнење на билатералната соработка.

– Имајќи предвид дека претходна жртва на „Блумберг“ неодамна беше и српската премиерка Ана Брнабиќ, ја повикуваме Агенцијата да го објави целиот текст од интервјуто, како и аудио и видео снимката од разговорот со Шекеринска – изјавила Захарова, додавајќи таквите обвиненија доаѓаат од русофоби кои во јавноста пласираат лажни и неосновани тврдења.

Таа оцени дека во тие инсинуации гледаат обиди на непријателите на Русија и Македонија дополнително да ги искомплицират традиционално пријателските односи меѓу земјите.

– Се обидуваат да го свртат вниманието на јавноста од реалните закани, кога станува збор за суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија, посебно со вовлекување на земјите во НАТО, не земајќи ги предвид националните интереси – вели Захарова.

Таа истакна дека руското МНР ја повикува Македонија да појасни дали зборовите на Шекеринска, кои ги објави „Блумберг“ се вистинити, имајќи предвид дека досега никој тоа не го демантирал.

„Блумберг“ неодамна објави интервју со Шекеринска, во кое таа рече дека новата влада ги зајакнува напорите за влез на Македонија во НАТО, тврдејќи дека членството во воената алијанса ќе ја заштити земјата од руското мешање.