РТС известува дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се под притисок, а Заев има мнозинство


       
Белград, 10 октомври, 2018 - 17:04 (META) 

Во прилог под наслов „Македонија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ под притисок“, Радиотелевизија на Србија (РТС) денеска извести дека пред почетокот на денешната расправа во уставната комисија во македонското Собрание, 11 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се согласиле да ги поддржат уставните измени и така да обезбедат двотретинско мнозинство.

Повикувајќи се на информации на телевизијата „Алсат-М“, РТС потенцираше дека владата на Зоран Заев успеала да обезбеди двотретинска поддршка за уставните измени и да избегне вонредни избори.

Сепак, јавниот радиодифузен сервис на Србија ги пренесе и тврдењата на високите функционери на ВМРО-ДПМНЕ дека тие шпекулации се неточни и дека е „малку веројатно некој од пратениците да гласа спротивно на волјата на граѓаните на Македонија искажана на референдумот“.

Наспроти ваквите тврдења од врвот на најголемата опозициска партија, фактите зборуваат дека на референдумот излегоа 666.344 граѓани, од кои 609.427 граѓани, односно огромно мнозинство од излезените, се определија за прифаќање на на Договорот со Грција, поддржувајќи ја владата. Со други зборови, огромно мнозинство од граѓаните ги поддржаа евроатлантските интеграции. За тоа пишуваше и „Вистиномер“, соочувајќи ги изјавите на претседателот Ѓорге Иванов со реалните бројки.

Повикувајќи се на македонски медиуми, РТС наведува и дека одреден број поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се вклучиле во убедување на пратениците на оваа партија да ги поддржат уставните измени.

Претходно, белградска „Политика“, пишуваше дека „новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кампањата се однесувал како пантомимичар, за разлика од претседателот Ѓорге Иванов, којшто, „кога остана осамен, не се скри во својата резиденција, туку од говорницата на Генералното Собрание на ОН ги критикуваше САД, ЕУ и НАТО, повикувајќи ги граѓаните да го бојкотираат референдумот“.

Ова е само делумно точно бидејќи Иванов ниту остана осамен, ниту пак, се јави само од говорницата  на ОН. Тој, во неколку наврати се изјаснуваше против референдумот и дека тој нема да излезе да гласа.