fbpx

Ристоска побара од судот максимална казна за Грујовски за „Тврдина 2“

-

Обвинителката на Специјалното јавно обвинителство, Ленче Ристоска, денеска побара од судот максимална казна за поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, за случајот „Тврдина 2“, додека за другите шест службенички од УБК, обвинети во случајот, таа му предложи на судот да им одреди алтернативни, односно условни казни.

Инаку, Грујовски и службеничките во УБК беа обвинети за уништување на документацијата од незаконското прислушување. СЈО ги гонеше за фалсификување службена исправа, според членот 361, став 2, за што е предвидена затворска казна од три месеци до пет години.

По денешните завршни зборови, судот в среда ќе ја изрече пресудата.

Ристоска, во завршните зборови пред Кривичниот суд во Скопје за случајот „Тврдина 2“, истакна дека мотивот на Грујовски, како наредбодавец за уништувањето на докуемнтацијата од УБК, бил да се сокријат трагите за тоа кој и како прислушувал стотици граѓани во Македонија и да се отежни истрагата за масовното кршење на човековоте слободи и права од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Таа рече дека уништувањето на документите во Петровец, во близина на Скопје, се случувало истовремно со уништувањето на системите од незаконското следење на комуникациите во МВР, за што Грујовски исто така е обвинет во случајот „Тврдина“.

Обвинителката на СЈО, побара од судот при определувањето на казната да не го зема како олеснителна околност тоа што Грујовски е татко на две деца, туку фактот дека е во бегство, со што децата и семејството ги оставил на цедило, без извор на егзистенција.

За шесте службенички од УБК, кои наместо да ја одбијат наредбата на Грујовски, учествувале во постапката за уништување на документите, Ристоска побара условни казни. Како отежнителна околности таа побара од судот да го оцени тоа што ниту една не се покајала за стореното, но нагласи дека секоја од нив, наведувајќи ги по име, имала беспрекорно однесување во УБК и дека немале дамка во работењето и оти дел од нив се самохрани мајки.

Адвокатот на Грујовски, Љупчо Шврговски, пред судот рече дека во случајот нема основи за кривично, туку за евентуално прекршочно дело. Одбраната наведе дека СЈО нема мандат да гони дела сторени во 2015 години и дека ова проширување на надлежноста на СЈО ќе доведе до правна конфузија.

Инаку, на Грујовски му се судеше во отсуство, бидејќи тој заедно со својот колега од УБК, Никола Бошковски, се наоѓаат во екстрадициски притвор во Солун, откако беа уапсени на солунскиот аеродром, во обид со лажни бугарски пасоши да заминат за Будимпешта.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...